Во Тајпеј редици за автограм од Манчевски

Час и половина чекаше тајванската публиката во 20-метарска редица за автограм од режисерот Милчо Манчевски во Тајпеј, Тајван на еден од најголемите филмски фестивали во Азија, Златен коњ (Golden Horse), каде премиерно се прикажува филмот „Врба“.

Како што соопштуваат од продукцијата на филмот, Манчевски е автор во фокусот на фестивалот, и покрај премиерата на „Врба“, како ретроспектива прикажани се и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.

После првиот ден, како што информира продукцијата, имало толку ловци на автограми што следните вечери организаторите подготвиле посебна локација со биро и асистенти за редот на вљубеници во филмовите на Манчевски.

По премиерата на „Врба“, Манчевски имал долга сесија прашања и одговори со публиката, а следниот ден тој одржал и долг мастерклас во преполна сала.

Манчевски во Тајпеј одржа и средба со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав.

– Многу ми беше мило, не сме се виделе од Токио во 2001. И двајцата почнавме да правиме понеконвенционални филмови во меѓувреме, јас „Мајки“, „Бикини Мун“ и „Крајот на времето“, тој перформанс-филмови и филмови кои ги прикажува во музеи наместо во кино-сали. Си пуштавме парчиња од филмовите во прогрес на ајпед, се смеевме и шегувавме, вели Манчевски за средбата со неговиот колега и пријател Цаи Минг-Лианг.

По повод неговата ретроспектива во Тајпеј, Синдикатот на филмски режисери на Тајван организираше и средба на Манчевски со нивното раководство и со младите режисери.

По премиерата, „Врба“ имаше уште две проекции на фестивалот, а по три проекции имаа и неговите филмови во ретроспективата.