Во Стоби продолжува конзервацијата на античките објекти – паралелно се работи на Театарот и Градбата со арки

Во текот на 2026 година, на археолошкиот локалитет Стоби паралелно се реализираат конзерваторско-реставраторски работи на два значајни објекти – античкиот Театар и Градбата со арки.

фото: Фејсбук

Од Националната установа Стоби информираат дека кај античкиот Театар интервенциите се насочени кон надворешниот кружен коридор, просторот низ кој посетителите во античко време пристапувале до ходниците под гледалиштето. Се конзервираат ѕидовите што го формирале коридорот, при што се заменуваат оштетените камени блокови и деградираниот малтер, без да се наруши автентичниот изглед на објектот. Поради високите летни температури работите привремено се прекинати и ќе продолжат по 20 август, а планирано е да завршат до ноември.

Паралелно, од април до почетокот на јули се одвиваа конзерваторско-реставраторски работи и на Градбата со арки. Фокусот беше ставен на северниот ѕид на големата сала, кој бил сериозно загрозен од уривање. Оштетените камења беа заменети со камења со слични карактеристики откриени при археолошките истражувања, додека стариот малтер беше заменет со нов варов малтер, без употреба на цемент, согласно конзерваторските принципи.

фото: Фејсбук

Конзервиран е ѕид долг околу 30 метри, висок од 1,5 до 2,5 метри, а реставрирани се и контрафорите – конструктивни елементи што го зајакнувале масивниот покрив со распон од 21,5 метри. Според Стоби, со овие интервенции се обезбедува долгорочна стабилност на објектот и негово зачувување за идните генерации, а работите на Градбата со арки ќе продолжат и во 2027 година.

Стоби, сместен во близина на Градско, е еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Некогашен важен град во римскиот и рановизантискиот период, денес е препознатлив по своите мозаици, базилики, палати, античкиот театар и бројните археолошки откритија што сведочат за неговото богато историско и културно наследство.