
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска сподели дека во Стар Аеродром кај воените кули и зад трговскиот центар „Бисер“ ќе никнат нови детски катчиња.
Митески денеска изврши увид во активностите на локацијата меѓу воените кули во Стар Аеродром, каде што по неколку децении најмалите ќе добијат целосно ново детско игралиште со современи реквизити. По долго време, како што вели тој, на оваа локација ќе биде поставена и нова урбана опрема, со што ќе биде создадено уште попријатно и пофункционално катче за децата и за возрасните.
Исто така, градоначалникот посочи дека ново детско игралиште деновиве се поставува и кај кулите зад ТЦ „Бисер“.
„Сакам секое дете во Аеродром да има убаво, безбедно и уредено место за игра, дружење и создавање убави спомени. Затоа интензивно работиме на поставување нови и реконструкција на постојните детски игралишта“, порача Митески.