Во средно медицинско училиште поднесени речиси двојно повеќе апликации од слободни места

Шестотини четириесет и шест ученици ќе седнат во клупите на средното медицинско училиште во Скопје во новата учебна година. И годинава огромен е интересот кај полуматурантите за медицината, пренесува 24 вести.

Само во првиот уписен рок повеќе од 1 000 полуматуранти поднеле документи за упис во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“,  што е речиси двојно повеќе од слободните места.

Љубовта кон медицината е првата причина поради која учениците решаваат тука да го продолжат средното образование, сепак дел од нив признаваат дека и побраувачката на средно медицинскиот кадар во странство како и можноста за работа во западно европските земји има влијание во изборот.

Средното медицинско училиште нуди неколку отсеци. Учениците најзаинтересирани се за отсекот - медицински сестри, а најмалку за болничари. Резултатите од уписите ќе бидат објаевни утре напладне.

Секоја година од овие клупи излегуваат околу 700 ученици со завршено средно медицинско образование. Сепак и покрај големата бројка на медицински сестри, забни техничари, физиотерапевти и болничари, недостатокот токму од средно медицинскиот кадар и натаму е еден од најголемите проблеми во македонското здравство, бидејќи голем дел од нив за подобри плати и услови решаваат да работат во странство.