
Во среда, 14 октомври, православните христијани го одбележуваат празникот Покров на Пресвета Богородица, познат и како Богородичен покров или Женски празник.
Според народното и верското предание, празникот особено го одбележуваат жените, кои се молат за лесна бременост и породување, здравје на децата, како и за потомство.
Празникот е востановен во спомен на настан што се случил на 1 октомври 911 година во Богородичната црква Влахерна во Цариград.
Според преданието, за време на бдение, додека народот бил собран на молитва, се појавила Пресвета Богородица со распространет омофор на рацете, како симболично да го покрива и заштитува народот.
Богородица била облечена во златна порфира и опкружена со апостоли, светители, маченици и девици.
Оттогаш, празникот се слави како потсетување на заштитата и покровителството на Пресвета Богородица, кон која верниците се обраќаат во молитва и во моменти на неволја.