Во селото Стајиќево, во близина на Зрењанин, неодамна е отворено првото кафуле во Србија во кое посетителите можат да пијат кафе во друштво на алпаки.

Ова кафуле е дел од етно-комплексот „Тигањица“, каде што шест алпаки слободно се движат во просторот предвиден за посетителите. Идејата е гостите, покрај престојот во комплексот, да имаат можност одблизу да ги запознаат животните и да поминат време во нивно друштво.
Во кафулето посетителите добиваат и храна наменета за алпаките – моркови, јаболка и зелена салата. Хранењето е дозволено само со храната обезбедена од објектот, а посетителите имаат инструкции како да им пристапуваат на животните.

Алпаките се дел од комплексот веќе неколку години. Според сопствениците, првата алпака пристигнала во Тигањица пред околу осум години, а со текот на времето бројот се зголемил на шест. Секоја од нив има свое име и карактер. Меѓу нив се Љубица, Снежана и Мона, а најмладата Снежана според сопствениците има изразен карактер и често ја предводи групата.
Идејата за кафуле со алпаки потекнува од Словачка. Сопственикот на „Тигањица“, Зоран Остојин, заедно со сопругата посетил сличен објект таму и решил концептот да го примени и во Србија.

Посетата на ова кафуле чини околу 10 евра, а во цената се вклучени пијалак и храна за алпаките.
Од етно-комплексот велат дека целта не е само да се создаде нова туристичка атракција, туку и посетителите да се запознаат со овие животни и да поминат време во природна средина.
„Тигањица“ се наоѓа во Стајиќево, во близина на Зрењанин, а локацијата е достапна и за еднодневна посета од Белград.
фото: АP / Darko Vojinovic