Во следните денови ќе се знае кога пристигнуваат руските и кинеските вакцини

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во текот на следните денови точно ќе се знае кога ќе пристигнат и руските и кинеските вакцини против коронавирусот. 

– Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен  тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат. Еве се пролонгираше малку периодот. Очекувам навистина сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од  Фајзер за којшто го очекуваме драфт  договорот. Со руската компанија интензивно разговараме сега овие денови после поптишувањето на договорот и секако со кинеската - изјави министерот, кој денеска беше во посета на гостиварската болница каде е пуштен во употреба модуларниот КОВИД центар.

На новинарско прашање дали зборува за кинеските или руските вакцини, тој одговори дека се работи и за двата вида, апелирајќи што повеќе граѓани со хронични заболувања од Гостивар и регионот, но и од целата држава,  да го искористат своето право на приоритет за вакцинирање, пријавувајќи се преку официјалната страница за вакцинација или преку нивните матични лекари.