Во Скупи ќе се истражува римска империјална бања – најголема во Македонија

На археолошкиот локалитет Скупи, во непосредна близина на градот Скопје, годинава ќе се работи на два проекта, првиот – градска вила и базилика со крстилница и вториот – римска империјална бања и базилика со атриум, за чие истражување се добиени и средства од Министерството за култура. Работите на терен, кои претставуваат продолжување на претходните истражувања, започнуваат месецов.

Од Музејот на град Скопје, кој е и надлежен за локалитетот, а со самото тоа и подлежи на обврската да го одржува, велат дека се работи за исклучително обемни истражувања и важни градби кои придонесуваат за неговата атрактивност и туристичка промоција во светот. Во изминатиов период во соработка со Филозофскиот факултет завршени се истражувањата во делот на Римскиот театар на овој локалитет, а беше издадена и книга за театарот во Скупи.

“Годинава во рамките на оградениот дел, каде се решени имотно правните односи (се работи за површина од околу 5 хектари, продолжуваме и работиме на систематски археолошки истражувања во централното градско подрачје. Се работи за два независни проекти. Еден од нив е комплекс градска вила и базилика со крстилница.

Истражувањата на овие објекти се започнати околу 1970 година, а во 2011/12 се обновени. Поради истражувањата на театарот во 2013 беа прекинати, но сега повторно се враќаме. Градската вила Домус е од периодот од 2 век до доцниот 4 век, додека ранохристијанската базилика со крстилницата веројатно е од 6 век. Се работи за монументални градби во централното градско подрачје, кои го завземаат квартот северно од главната улицата декуманус максимус”, вели Ленче Јованова, раководител на истражувањата на овој проект.

Вториот проект на кој годинава ќе се работи е комплекс, голем термален објект и базилика со атриум, кој ќе биде раководен од Марина Ончевска -Тодоровска.

Станува збор за два големи објекти од јавен карактер, едниот е римска империјална бања од 2 век со големи индиции дека го зафаќа целиот градски кварт, поточно простор од 4 страни опкружен со улици. Тоа е огромен термален објект и како тип на империјална бања со неговите димензии е најголена римска бања во Република Македонија. Се работи за простор од 80 на 70 метри, но не е доистражен, а најзначаен наод од бањата е мермерната скулптура од Венера Пудика изложена во самиот Музеј. Уште еден објект е изграден во 6 век врз оваа бања, а тоа е ранохристијанската базилика со атриум. И нејзината архитектура е специфична за почетокот на 6. век со трите апсиди и атриумот”, посочува Ончевска-Тодоровска.
Годинава Музејот доби средства и за одржување и дооформување на лапидариумот (збирка на камени споменици), на археолошкиот локалитет.

Иако локалитетот Скупи со проектот финансиран од италијанска влада, во 2008 година, беше ограден и делумно беа поставени патеки и табли, од Музејот велат дека е потребно во соработка со Градот и Министерството за култура да се преземат и нови чекори за афирмација на овој локалитет.
“Во комуникација сме со Министерството и Градот Скопје во насока за партерно урадување, но во компетенции на градските институции е да се постават и ознаки за правец на движење кон локалитетот од влезовите во Скопје, а локалитетот треба да влезе и во мапата на Градот кога се работи за оргаизирани туристички посети. Тоа е и првичен чекор. Локалитетот е отворен за посети, но неорганизирано. Исто така треба да се направи и паркинг за автобуси, тоалети за посетители, сувенирници…”, посочуваат од Град Скопје.

nike air max 1 sale