Во Скопје во минатато имало многу хотели, но со скромни услови

Хотелите во Скопје по 1918 година според својот изглед и својата функција биле далеку од вистински хотели, но според удобноста и хигиената биле подобри од карван-сараите. Хотелите имале најмногу по 10 соби со по неколку кревети, а на долниот кат обично имало кафеани кои биле нарекувани „бирарии“ или „локантри“. 

Најплодна година за развојот на хотелиерството во Скопје била 1925 година, кога во градот биле отворени два големи модерно уредени хотела со по 30 соби. Со големиот налет на трговци и туристи во градот, здружението на меанџиско-кафеанските работници во 1923 година побарало да се воведе ред во работата за да се задоволат основните хигиенски услови. Се барало хотелите да бидат класифицирани и да се воведат одредени прописи во работата. Бил изготвен правилник за работа и за отседнување на странците. За престој во хотелите биле одредени такси, според квалитетот на услугите. Поскапи хотели за кои се плаќала такса од 3 динари биле „Српски крал“, „Москва“, „Цар Душан“, „Бел орел“, „Гранд хотел“, „Слобода“ и „Балкан“. Хотели за кои се наплатувала такса од 2 динара биле „Бечар“, „Крагуевац“, „Пансион Карасо“, „Лондон“, „Париз“, „Круна“, „Русија“, „Брегалница“, „Јелен“, „Ориент“, „Цариград“, „Шар Планина“ и „Сараево“, а по 1 динар такса се наплатувало во хотелите „Београд“, „Централ“, „Кавадар“, „Солун“, „Америка“, „Љуботен“, „Бела кафана“ и други. Во најрепрезентативната улица „Крал Петар“, која била поврзана со Железничката станица биле сместени најугледните хотели во градот. Во почетокот на улицата бил хотелот „Бристол“, потоа „Гранд хотел“, „Европа“, „Јелен“, „Крагуевац“, „Париз“, „Русија“ и „Српска кралица“.

Главни гости во скопските хотели биле трговските патници. Со општата криза која владеела во светот и патниците во Скопје се намалувале или се сместувале во преноќишта и гостилници. Отворањето на офицерските домови и нивната пристапност за широките граѓански маси претставувало удар за хотелите и рестораните. Се' повеќе се резервирале соби по разни државни и самоуправни установи како во Монополот, Железничката станица, Офицерскиот дом, Народната банка, каде што отседнувале чиновниците.

Издавањето соби во конаците и преноќевалиштата, како и издавањето соби во приватни куќи, што земало замав, ја попречувало работата на хотелите. Олеснителна околност за хотелиерите биле многубројните свечености кои се организирале и многуте гости кои доаѓале во градот поради разновидни случувања, а хотелите не биле во можност да ги прифатат. 

Според уредбата од 1935 година, сите угостителски објекти морале да имаат нови имиња, и само објекти кои имале 15 добро наместени соби, потребен број вработени, салон, парно греење можеле да се нарекуваат хотели, а останатите конаци, пансиони, ресторани, бифеа, народни кујни, крчми или меани. Постоел и правилник за работа на угостителските објекти и хотели. Сите хотелиери биле должни во рок од 12 часа да ги пријават своите гости во полициска станица. На гостите морало да им се обезбеди мир, а ако во хотелот се организирала забава, тогаш сопственикот тоа го пријавувал во полициска станица, каде што се одредувало време за пуштање музика. Сите келнери морале да се однесуваат учтиво со гостите, да бидат чисто и уредно облечени и да познаваат еден странски јазик.

Хотелите кои имале над 25 соби, за време на летната сезона морале да имаат и послуга за разнесување на багажот. Слугата бил облечен во службен костум со капа на која било напишано името на хотелот, а морал да го знае и распоредот и времето на поаѓање на железничките линии и други информации. 

Хотелите претставувале и собиралиште на скопските трговци, чиновници, интелектуалци кои се разонодувале во летните бавчи на хотелите. Сите хотели имале ангажирано оркестри кои на улицата „Крал Петар“ и' давале весела атмосфера. Ваквиот изглед го надополнувале и децата кои ги пречекувале гостите на Железничката станица, им нуделе преноќиште и помош за носење на багажот. Овие деца биле облечени во ориентална облека со црвени фесови или бели капи.