Во Скопје среде бел ден се крадат велосипеди од влезови

Скопјани се жалат дека нивните велосипеди не им се сигурни ниту врзани за оградата на катот каде живеат.

Имено, се почесто се случува токму од пред влезната врата, среде бел ден, да останат без велосипед, а ниту системот за безбедност на влезната врата, ниту врзаниот велосипед, ниту безбедносните камери не им се гаранција. 

За жал, надлежните ретко ги пронаоѓаат и украдените велосипеди и сторителите на кривичните дела од вакво тип. 

Скопјанец во една група на Фејсбук сподели дека среде бел ден, пред неговата влезна врата, му бил украден велосипед. Откако уредно пријавил во полиција и достави видео снимка од кражбата на која јасно се гледа лицето на крадецот, порача дека не се надева дека некој ќе му го врати велосипедот и дека ќе има соодветни мерки за сторителот.

-Велосипедот беше врзан, значи заклучен. Не верував дека и мене ќе ми се случи она за кое многу скопјани раскажуваа. Среде бел ден да се изврши кражба токму пред влезната врата. Јавна тајна е дека овие лица се спремни набрзина да земат врзан и заклучен велосипед, да се скријат од камерата така што полицијата после не може да г идентификува, и потоа точакот да го продадат на старо во друг град, споделува овој скопјанец на кој намерата му е да апелира за поголема внимателност на самите сопственици. 

И покрај влезните врати со шифри на зградите и безбедносните камери, сепак вакви кражби се случуваат често, во речиси сите делови на Скопје.