Во Скопје се одржа марш против насилството врз жените и стереотипите во општеството

По повод Денот на жената „8-ми март“, жени од различни професии денеска маршираа од Жена парк до плоштадот Филип Втори порачувајќи да се отфрлат стереотипите и да кажат „НЕ“ на насилството и омразата врз понежниот пол.

- Со овој марш, освен што ги славиме жените, ги повикуваме и нашите татковци, браќа и синови да се солидаризираат со жените во Македонија и заеднички да ги отфрлиме стереотипите и етикетите што не ограничуваат сите и да им кажеме „НЕ“ на насилството и омразата врз жените, порачаа учесничките на маршот.

Кон маршот се приклучија и премиерот Зоран Заев, вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богов.  

Маршот го организираше Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.