Во Скопје по вторпат ќе се маршира за женските права

По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, утре со почеток во 12 часот од „Жена-парк“ во Скопје ќе почне вториот „Марш за правата на жените”.

Маршот ќе се одвива според однапред определена рута, почнувајќи од „Жена-парк“, преку плоштад „Македонија“, Камениот мост, а ќе заврши на плоштадот „Филип Втори“ (пред фонтаната).

„Земајќи го предвид родовиот јаз во економската, политичката и социјалната сфера на државата, Маршот за правата на жените ќе испрати порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување демократско и еднакво општество. На маршот се поканети новирани, претставници на државни институции, општини, комисии за еднакви можности, невладини организации, пратеници, како и претставници од дипломатскиот кор во Република Македонија“, велат од Платформата за родова еднаквост која заедно со активистките за женски права го организира овој марш.