Во Скопје отворена ликовна изложба по повод Националниот празник на Бугарија

По повод Националниот празник на Бугарија - 3 Март, денеска во галеријата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје беше отворена изложба под наслов „Дипломатија и уметност“, која содржи слики од ликовниот фонд на Министерството за надворешни работи на Бугарија.

На изложбата се претставени 22 слики на бугарски уметници од минатиот век, кои продолжија достигнувањата во областа на ликовната уметност на претходните генерации уметници, вклучувајќи ги и нивните креативни определби.

Кураторот на изложбата Михаил Артамонцев, експерт во Државен културен институт при бугарското МНР, изрази надеж дека изложените дела ќе им бидат интересни на посетителите.

- Ве повикувам сите кои ќе бидете импресионирани од изложбата да им го пренесете тоа на другите, за да дојдат и да ги видат мостовите помеѓу културите и народите, кои постојат преку форматот на уметноста, рече Артамонцев.  

Тој истакна дека Министерството за надворешни работи на Бугарија со самото свое создавање непосредно по ослободувањето на Бугарија, ја создало збирката на уметнички дела од официјални подароци што им биле подарувани на кнезот, министри и сите високи благородници и започнало да се создава еден фонд од интересни уметнички предмети, како накит, применета уметност и висока уметност.

- Подоцна во 60-те години на минатиот век, нашето Министерство презема чекори тие да бидат форматирана како колекција на Министерството за надворешни работи. Подоцна во 2005 година се формира и Државниот културен институт, посочи кураторот Артамонцев.

Тој нагласи дека во овој формат од 22 дела, оваа изложба минатата година била поставена во старата престолнина на Црна Гора, Цетиње, потоа во БиХ, како и во Скопје во Националната галерија.

Артамонцев истакна дека уметниците чии дела се претставени на изложбата се групирани во три целини.

- Едната линија е помеѓу двете војни, меѓу Првата и Втората светска војна, втората група се 70-тите години, кога бугарската уметност го зачувуваат народниот карактер, но во исто време точно во тие години се доближува и до европските текови и во третата, се дела од 80-тите и 90-те години, изјави Артамонцев.

Тој ја поздрави досегашната активност на Културниот центар на Бугарија во Скопје и изрази желба тој да продолжи да работи со таков интензитет, „со срце, со душа за зближување на нашите култури, на нашите националности и за надминување на секакви граници од реален и имагинарен карактер“.

На отворањето присуствуваше и амбасадорот на Бугарија во земјава Ангел Ангелов, кој изрази задоволство од организирањето на изложбата.

- Таа не ја покажува само бугарската уметност во последниот период, туку и како што е насловена „Дипломатија и уметност“, и дипломатијата на уметноста и уметноста на дипломатијата. Тоа е еден мост, една дипломатија, една подадена рака за соработка. Оваа изложба не ја прикажува само Бугарија, тоа е една палета од различни нешта и различни пораки и се надевам дека ќе ви се допадне, посочи Ангелов.

Изложбата е реализирана од страна на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје во партнерство со Државниот културен институт на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.