Во Скопје оптичка илузија против брзите возачи

По примерот на повеќе градови во светот и во Скопје ќе се цртаат 3Д пешачки премини.


Тридимензионални (3Д) пешачки премини ќе се цртаат низ улиците и булеварите во Скопје. ЈП „Улици и патишта“ деновиве почна со цртање на ваква зебра на улицата „Самоилова“ кај Музејот на современа уметност, а во наредниот период ќе се бележат и други локации кои се посочени како црни точки.

Овие пешачки премини создаваат оптичка илузија која ги тера возачите да ја намалат брзината на возилата.

Според планот предвидено е тридимензионален пешачки премин да се нацрта на улицата Борис Сарафов во населбата Ѓорче Петрoв, каде мината недела беше прегазено 10 годишно дете, како и низ други улици и булевари каде се вози со голема брзина и се црни точки во Скопје.

Идејата за создавање на оптичка илузија на пешачки премин не е нова. Прв таков „лежечки полицаец“ е исцртан 2008 година во Филаделфија, САД. Подоцна се појавија вакви зебри и во други земји како Германија, Белгија, Австрија, Велика Британија, Шпанија, Исланд, Индија.