Во Скопје на шопинг, во Солун само на кафе

Многу од светски познатите брендови можат да се најдат и во некои од трговските центри во Скопје. Во минатото, доколку скопјани сакаа да ги следат модните трендови и да бидат облечени во некои од реномираните брендови, тие требаше да патуваат во соседните земји, и тоа најчесто во Солун, за да купат облека.

Со отворањето на повеќе трговски центри, повеќе од 150 реномирани светски познати парчиња облека за прв пат се достапни за граѓаните на главниот град, но и за граѓаните од внатрешноста, па тие повеќе не мораат да патуваат стотици километри за да се подноват со некое брендирано парче облека.

Сепак, и покрај тоа, познатите марки можат да се најдат во нашите трговски центри, скопјани се уште се одлучуваат да одат на шопинг турите во Солун кои ги организираат туристичките агенции. Некои од граѓаните се уште одат за да ги искористат големите попусти во Солун, убедени дека таму има поголеми попусти отколку кај нас, иако истите парчиња облека и намалувања ги има и во Скопје.

Сепак, она што станува тренд во шопинг турите е што поголемиот дел од оние што одат во Солун ги користат најмногу за еднодневна релаксација, прошетка, да го почувствуваат мирисот на морето и да пијат кафе на пристаништето, за разлика од порано кога полнењето на кеси со гардероба на попуст беше приоритет. Цените за шопинг турите во Солун се непроменети и чинат 800 денари, а од Скопје се поаѓа во утринските часови. Патниците се оставаат во центарот на Солун, а потоа се носат во трговскиот Космос и назад се тргнува во 17 часот. 

Поголемиот дел од туристичките агенции пак велат дека повеќето граѓани одат во Солун за да пијат кафе покрај море и да се прошетаат, отколку да купуваат облека. 

Како и да е, едно е очигледно - скопјани сакаат да се дотеруваат и ја следат светската мода.