Во Скопје ќе се поставуваат системи за заклучување на шахти и решетки на сливници

ЈП Водовод и канализација – Скопје започна со реализација на најавениот проект за инсталација на системи за заклучување на шахти и решетки на сливници, проект кој беше најавен како превенција од кражби на истите.

Реализацијата на овој проект се однесува на инсталација на 800 системи за заклучување на решетки на сливници и 800 на капаци за шахти. Нивната инсталација ќе се спроведе во текот на периодот кој следува, на целата територија на град Скопје. Доколку овој пилот проект се покаже како функционално решение на долгогодишниот проблем со кражбите, ЈП Водовод и канализација – Скопје, ќе пристапи кон набавка на поголем број на вакви системи и нивна инсталација.

-Кражбите на капаците на шахтите и решетките на сливници се појава со која ЈП Водовод и канализација – Скопје се соочува во одредени периоди, појава чии последици од штетите кои се нанесуваат, не се проблем само на претпријатието, туку и на сите граѓани на Скопје, велат од претпријатието. 

Како за илустрација во текот на минатата 2021 беа украдени 187 решетки на сливници и 163 капаци на шахти, за чија замена ЈП Водовод и канализација – Скопје оддели 4.963.083, 00 денари, а од почетокот на 2022, односно од 9 до 19.01.2022 на две улици, Среќко Пужалка и Финска беа отуѓени 32 решетки на сливници за чија замена беа потрошени 477.376 денари.

Реализацијата на овој проект е само една од активностите кои ЈП Водовод и канализација – Скопје ги превзема за превенција на кражбите на капаците на шахтите и решетките на сливниците, со што се делува во насока на сопствена заштита, но и во насока на заштита на граѓаните на град Скопје и зголемување на безбедноста во сообраќајот.