Во Скопје изложба на еден од основоположниците на современата хрватска фотографија Тошо Дабац

Изложба „Народните носии низ објективот на Тошо Дабац“ ќе биде отворена денеска (15 ноември) во Порта Македонија со почеток од 19 часот.

Организатор на изложбата е Музејот на македонската борба во Скопје од каде што велат дека истата нуди ексклузивна можност да се видат фотографиите на еден од основоположниците на современата хрватска фотографија Тошо Дабац.

„На изложбата ќе бидат претставени триесетина фотографии со мотиви од народни носии од различни краеви на Хрватска, БиХ, Македонија и други земји од регионот, во сопственост на Музејот на современа уметност во Загреб. Изложбата се реализира во соработка со Културниот центар „Травно“ и Работилницата за заштита и изнајмување  народни носии од Загреб, Република Хрватска, а е поддржана од Министерството за култура на Република Хрватска“, се наведува во најавата за настанот.

На отворањето на изложбата ќе се обратат директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николова, и директорот на Културниот центар „Травно“, Јосип Форјан. Специјален настап ќе има Ансамблот „Македонија“.

Изложбата ќе биде отворена до 14 декември годинава.

За авторот

Тошо Дабац (1907-1970) е познат хрватски и светски фотограф, еден од основачите и еден од главните претставници на таканаречената Загрепска школа на уметничка фотографија. Во долгогодишната кариера има оставено зад себе повеќе од 200 000 фотографии, а негов најголем фокус била социјалната фотографија преку мотивите на животот на улица, питачи, народ на улица, циркузанти, панаѓури, процесии и сл.