Во Скопје и Битола училишната година ќе почне со „Трка на радоста“

Ученици од Битола и од Скопје новата учебна година ќе ја почнат со хуманитарна „Трка на радоста“. Манифестацијата ќе се одржи на 1 септември во двата града, односно на Градското шеталиште во Битола и во Градскиот парк во Скопје, под слоганот „Произведуваме забава“. Оваа манифестација ја организира „TVB.mk“ – првиот веб ТВ-канал во земјава посветен на најмладата и најпребирлива публика.

Трката е наменета за првачињата, но и за децата од седум до 12 години, а ќе се реализира во две трки „Првачињата трчаат“ и „Учениците трчаат“. – На 1 септември децата радосно ќе влезат во новото животно поглавје, а со самото учество ќе усреќат и свои врсници од загрозени семејства, зашто дел од средствата што ќе се соберат за учество на трката ќе бидат донирани. Придобивките не се мерат со часовник, ни со наградниот фонд, туку според чувството на задоволство и вештините со кои се стекнуваат од мали. Децата минуваат низ процес каде не е цел само медалот или да се биде прв, туку некои други вредности.

Освен што промовираат здрав начин на живот, детските трки ја градат личноста на фер-плеј, почит на личноста, пријателство, истрајност и заемна поддршка. Кога на сето ова ќе се додаде хуманата нота, тогаш оваа детска трка го заслужува името „Трка на радоста“, истакна Весна Божиловиќ, иницијатор и организатор на хуманитарната трка. Пријавувањето за учество во трката што е од ревијален карактер завршува на 28 август. Секое дете што ќе ја заврши трката ќе добие медал. Хуманитарната „Трка на радоста“ е поддржана од компанијата „Бучен Козјак“ од Куманово, од Советот на Општина Битола и од спортската академија во Битола.