Во Скопје денеска се одржува Ден на граѓански организации и социјални претпријатија

На платото пред Центарот на социјални претпријатија денеска ќе се одржи Саем на граѓански организации и социјални претпријатија, во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, чиј корисник е Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Цивика мобилитас.

Официјалното отворање на саемот ќе го означат заменик – претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Северна Македонија, Вероник Улман и амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир, соопшти МТСП.

На саемот ќе се претстават граѓански организации и социјални претпријатија од земјата.

– Социјалните претпријатија преку економски активности прават добро за општеството, тие вработуваат маргинализирани групи и го реинвестираат својот профит со цел решавање на одредени општествени проблеми. Тие нудат конкретни услуги и производи кои ќе ги презентираат и на утрешниот саем, се посочува во соопштението од МТСП.

Граѓаните, како што се наведува, ќе можат да ги видат нивните занаетчиски производи, накит, мебел, ламби, облека и друго и да се запознаат со нивната работа, гледајќи од блиску што значи да се биде социјално претпријатие.