Во Скопје 140 верници по Светиот крст во Вардар

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици кој се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Во Скопје се пријавени 140 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2019“. Централната манифестација ќе се одржи напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го спушти крстот во Вардар од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“. Претходно тој ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

Во Охрид традиционално во сите парохиски цркви на Дебарско-кичевската епархија ќе се одржи утринска богослужба и божествена литургија. Потоа верниците масовно заедно со свештениците ќе се упатат на Градското пристаниште, каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а потоа во 10 часот ќе се положи и чесниот крст.

Поради празникот Водици во Скопје ќе има изменет режим на сообраќај.

Во периодот од 10 часот, па до завршувањето на манифестацијата по повод Водици, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени улиците Филип Втори до булеварот Гоце Делчев и улицата Кеј 13 Ноември до булеварот Кочо Рацин.

Во општината Ѓорче Петров од 10 часот за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булеварот Партизански одреди, десно по улицата Ѓорче Петров, лево по улицата Васил Чакаларов, како и од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата Демир Трајко и лево по улицата Васил Чакаларов до Железничкиот мост на реката Вардар.

Во општина Аеродром од 10 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче.