Во Клиничката болница во Штип моментално се вработени само 420 лица, додека според систематизацијата се потребни 550 работни места. Новиот директор на Клиничката болница-Штип, Владко Захариев, изјави дека има недостиг од 130 лекари, медицински и технички персонал.
Тој истакнува дека во текот на овие денови се водат разговори со одговорните лица во Министерството за здравство за вработување на нови 33 работници, кои нема да бидат доволни, но се итно потребни. Захариев најави дека до крајот на неделата заменикот министер за здравство планира да ја посети Клиничката болница во Штип и да го забрза процесот за вработување на нови кадри.
Тие 33 се многу мала бројка, но мислам дека ќе бидат доволни за некаде алармантно каде што треба да се пополни. Анестезиолозите се дефицитарни, тројца имавме, до пред десет дена беа двајца, вели Захариев.
Дополнително докторите од штипската болница имаат договори за соработка со помалите здравствени установи, каде одат на помош. Ова е заради фактот дека недостиг има и во останатите болници, а треба да бидат опслужени соодветно сите пациенти.
Последните вработувања во Клиничка болница беа кон крајот на минатата година, а требаше во меѓувреме да има и нов конкурс за вработување. Реалната состојба минатата година покажа дека има доволно заинтересиран медицински кадар кој би можел да се вработи во болницата. За тоа говори фактот дека за 16 слободни места лани се пријавија дури 61 лице.