Во шахот победува најпаметниот, во љубовта заминува најпаметниот

Во шахот, секој потег се мери, се калкулира, се предвидува.

Photo by Pixabay

Победникот е оној кој умее да размислува неколку чекори однапред, да жртвува кога е потребно и да гледа поширока слика. И токму затоа во шахот победува најпаметниот, оној кој нема да дозволи емоциите да го надвладеат, туку ќе игра студено и стратешки.

Во љубовта, сепак, правилата се сосема различни. Љубовта не се игра со фигури, туку со срце. Таа не трпи стратегија што го гаси пламенот, ниту калкулации што ја убиваат искреноста. Но љубовта знае да стане болна, особено кога е еднострана, токсична или исцрпувачка. Тогаш, најпаметниот не е оној што останува да се бори, туку оној што си заминува. Да се замине од  таква, така наречена љубов што ве крши е чин на мудрост, не кукавичлук. Истото размислување што му помага на шахистот да го види поразот пред да се случи, му помага и на човекот да ја препознае врската што нема иднина. Да заминеш значи да се заштитиш, да му дадеш шанса на сопственото срце да се исцели, да ја вратиш својата вредност.

​​​​​​​

Photo by Darya Sannikova

Многумина мислат дека паметниот играч во љубовта треба да остане, да се труди, да се жртвува до крај. Но вистинската сила е во тоа да сфатиш кога ништо повеќе не можеш да промениш. Да не се губиш себеси во бескрајни обиди да поправиш нешто што не сака да биде поправено. Оние кои си заминуваат не се ладни — тие се храбри.

Во шахот победата значи да останеш на таблата до последниот потег. Во љубовта, победата понекогаш значи да станеш од масата и да заминеш пред да те уништат. Зашто љубовта не е игра што се добива, туку искуство што треба да нè изгради — а не да нè скрши.