Во септември просечната камата на кредитите за фирмите била 3,80 отсто, а за домаќинствата 5,53 отсто

Во септември, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесуваше 3,80 отсто, што претставува месечен пад од 0,05 процентни поени, а на домаќинствата 5,53 отсто и во однос на претходниот месец се намали за 0,02 процентни поени, покажуваат податоците на Народната банка.

Намалувањето на каматите на кредитите за фирмите, произлегува од падот кај сите компоненти – каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, потоа на кредитите во странска валута и на денарските кредити без валутна клаузула. Во однос на септември 2019 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,52 процентни поени.

Од НБ додаваат дека каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во септември бележи месечно зголемување од 0,24 процетни поени и изнесува 3,82 отсто, но споредено на годишно ниво е намалена за 0,29 процентни поени.

Кај домаќинствата, промената е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула, како и на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута. Во однос на истиот месец минатата година, оваа каматна стапка оствари пад од 0,28 процентни поени.

И кај домаќинствата просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во септември забележа раст на месечна основа од 0,14 процентни поени и изнесувапе 4,51 отсто, а споредено на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е пониска за 0,59 процентни поени, покажуваат податоците на Народната банка.