Во сеќавање на Мурато: 32 години откако го освои Монт Еверест, но никогаш не се врати

На 10 мај 1989 година, алпинистот Димитар Илиевски - Мурато го освои највисокиот врв во светот, Монт Еверест. 

Тој е првиот Македонец кој пристигнал таму, но никогаш не се вратил во базниот логор, по што е прогласен за исчезнат. 

На врвот не е дозволено задржување поради ниските температури и воздушниот притисок. Алпинистите, по освојувањето, имаат само неколку минути и потоа треба да се вратат кон камповите. 

Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам и спортот воопшто. Се одликувал со фрапантна љубов кон планините и непоколеблива амбиција за соочување со најтешките предизвици. Во својата богата алпинистичка кариера се има искачено на повеќе планински врвови.

Во негова чест на Пелистер подигнато е спомен-обележје. Посмртно ја има добиено наградата Медал за заслуги за Македонија.

Во моментот кога го освоил Монт Еверест, тој имал 35 години. Една од претпоставките е дека заспал во снегот и починал од хипотермија, на околу 8.200 метри надморска височина. Монт Еверест се наоѓа на 8.848 метри надморска височина.