Во Сарај во секоја петта шахта имало водомер

Во текот на денешниот ден ЈП Водовод и Канализација – Скопје заедно со комунални инспектори од Град Скопје спроведува акција за исклучување на диви приклучоци на територијата на општина Сарај.

– Покрај многубројните апели за разумно и рационалното користење на водата во периоди на високи температури, како и информациите за зголемена потрошувачка на водата упатени до граѓаните, ЈП Водовод и канализација – Скопје регистрираше голем број диви приклучоци кои дополнително ја оптоваруваат мрежата и вршат злоупотреба на истата. Акцијата ќе продолжи и во наредниот период сѐ до целосно нормализирање на состојбата – велат од Водовод.

Оттаму повторно апелираат за разумно користење на водата од страна на сите граѓани на целата територија на град Скопје.

Летово неколку пати пишувавме за тоа дека во Матка нема вода поради дивите приклучоци, но дури на крајот од летото надлежните спроведоа задоцнета акција за откривање на водокрадците.

Дел од жителите велат дека ретко во која шахта има водомер а посебно тоа да не се очекува околу земјоделските површини кои што се наводнуваат токму од водоводниот систем.

- Овде во секоја петта шахта можно е да има водомер, во другите секако дека нема - вели жител на Сарај.