Во сабота и недела: Спортски викенд „Илинден 2019“

Во рамките на одбележувањето на патрониот празник на Општина Илинден „Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ, на 27 јули (сабота) и 28 јули (недела) 2019 година, ќе се одржи Спортски викенд „Илинден 2019“.

На оваа традиционална спортска манифестација која што се реализира по 11-ти пат се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, атлетика-трчање, тенис, баскет и голем фудбал.

Централен настан ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2019”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. И оваа година „Трофеј Илинден 2019” ќе има интернационален карактер бидејќи се очекува да учествуваат над 70-на велосипедисти од неколку држави, кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории: сениори, мастерс, кадети, јуниори, жени, У15 и У13.

Стартот на трката е закажан за 27 јули (сабота) во 16:00 часот пред Спортската сала „Гоце Делчев“, каде што ќе биде и целта. Патеката е кружна, ќе се возат 4 круга низ населените места на Општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци и Кадино, при што должината на еден круг е 25 километри.

Покровителот на оваа традиционална манифестација, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, на најдобрите екипи и поединци ќе им додели соодветни награди, маици, пехари и медали.