Во сабота бесплатни автобуси за големата едукативна планинарска тура на Матка

Оваа сабота ќе се одржи првото издание на Големата Едукативно-хуманитарна планинарска акција Матка 2018. Настанот е во организација на планинарските клубови на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, а со поддршка на Град Скопје.

„Во сабота, Матка ќе биде местото за сите вистински љубители на природата, планинините, спортот, рекреацијата и конечно на најубавиот кањон во Европа“, најавуваат организаторите и додаваат дека сите кои сакаат да се прошетаат низ природните убавини, можат да се одлучат за една од двете планинарско-рекреативни тури:

Група 1: Село Шишево – Манастир Свети Никола – Кајакарски мост – Планинарски дом Матка
Група 2: Манастир Света Богородица – Црква свети Спас – Планианрски дом Матка

И на двете тури ќе има придружба од искусни планинари и членови на ПД Кораб – Скопје, ПСД Макпетрол – Скопје, ПК Шкупи – Скопје, ПД Козјак – Куманово и ПК Шари – Гостивар кои на учесниците ќе им ги доловат двете исклучително атрактивни планинарски патеки и основите на планинарењето. Присутните ќе имаат можност да слушнат кои се предизвиците на планина, што мора да се знае пред да се планинари, ќе се споделуваат исксутва, а ќе се зборува и за тоа како може да се опстане во планина подолго време и во различни временски услови.

Двете тури почнуваат точно во 08 часот на местото на поѓање на секоја една од турите, а за учесниците обезбеден е и бесплатен превоз до стартот на планинарските тури. Бесплатните автобуси тргнуваат од 07 до 07 и 25 часот од Транспортен центар, со попатно застанување на станиците: Пазарче Буњаковец, Трговски центар Лептокарија и Бензиска станица „Макпетрол“ во Ѓорче Петров. Сите бесплатни автобуси ќе бидат означени „ЗА ПЛАНИНАРИ МАТКА 2018“. Автобусите се враќаат во 17 часот, а ќе тргнат од големиот паркинг на Матка.

Оние пак кои нема да планинарат ќе можат да присуствуваат на целодневна забава пред Планинарскиот дом Матка. Пред Планинарскиот дом Матка ќе има поставено Штандови на Планинарски клубови и Федерација на планинарски спортови, на кои ќе бидат делени и продавани мапи, компаси, книги за планинарење, планинарска опрема, проспекти за безбедност во планина, алатки. Средствата од продажбата ќе одат исклучиво во хуманитарни цели.

За секој посетител е обезбедено бесплатно планинарско чајче и вода, а ќе се дели и ручек за планинари и посетители – традиционално планинарско гравче. Ќе бидат поставени и кутии за донации, а членовите на ФПСМ и на клубовите, кои ќе земат учество, ќе донираат храна, пари, обувки, облека, ќебиња исто така во хуманитарни цели.

За најмладите планинари ќе има изведба на песнички од „Златно славејче“, а тие ќе може да научат како се врзува јазол, како да се заштитат од дожд или снег во природа, како најлесно да ја исушат облеката, како се поставува шатор во природа итн. За најуспешните од работилниците ќе следуваат и подароци од искусните планинари. За малку повозрасните ќе има и ДЏ – сетови, стенд ап-шоу и уште многу изненадувања, најавуваат организаторите.