Во првите три месеци годинава со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) се превезле 11 милиони патници. За истиот период лани со ЈСП се возеле 11,7 милиони патници што е намалување за околу 6,2 проценти или 730 илјади патници помалку.

Ова стои во Извештајот за работењето на ЈСП Скопје за периодот јануари-март 2018 година.

Според извештајот со неперсонализирани билети се превезле 3,2 милиони патници, со персонализирани 7,7 милиони патници, останатите се договорен превоз.

– Намалувањето се должи на намалениот број патници со непресонализирани билети за 8,9% или 316.720 патници помалку, намален број на патници со персонализирани билети за 5% или 408.808 патници, намален број од договорен превоз за 12,2 % или 4.473 и намален број на дополнителни билети за 69,3%или 491 патник, стои во извештајот.
Јавното претпријатие забележува дека е зголемена количината на продадени персонализирани билети за 3,2% а се должи на порастот на количини за студенстски билети, бесплатниот превоз за пензионери и др. Пораст има и кај продадените неперсонализирани билети за 37,7% или 539.705 билети.

Во периодот јануари-март автобусите на ЈСП учествувале во вкупно 54 сообраќајки. Во однос на минатата година во првото тримесечие бројот на незгоди е намален за 36,5% или за 31 незгода. По вина на останатите учесници предизвикани се 27 или 50%, 16 се по вина на возачите на ЈСП или 29,6%, за 11 незгоди или 20,4% вината не е утврдена. Во овој квартал во сообраќајните незгоди се повредени вкупно 14 лица

– За истиот период во автобусите на ЈСП се случили 37 инциденти , што во однос на лани е намалување за 30,2%. Дури седум физички напади имало врз возачи и тоа е зголемување за 75% (лани имало 4). Во извештајот стои и дека во автобус се случиле седум физички пресметки (лани имало 9), имало 15 оштетувања на автобус(лани 21), закани врз возачите имало четири за разлика од лани кога имало десет . Проблеми со превозот имало 4 случаи, лани биле девет, се наведува во извештајот на ЈСП.

Во февруари имало четири физички напади врз возачите, а три во март. Физичките пресметки се случиле една во јануари, пет во февруари и една во марта. Оштетувањата на автобусите имало во јануари три, осум во февруари и четири во март.
Во првото тримесечие контролорите на ЈСП извршиле 43.412 контроли или околу 5% помалку од лани . Во просек дневно се вршени по 482 контроли при што се одземени 1.116 електронски картички.

Првото тримесечје ЈСП го завршила во позитива од 5,5 милиони денари пред оданочувања. Од претпријатието наведуваат дека доколку ги немале субвенциите од Град Скопје би оствариле загуба од 110, 2 милиони денари.
Вкупниот број на вработени е 1.305 што е за 83 вработени или за 6% помалку во споредба со лани. Во истиот период претпријатиетио по разни основи го пауштиле 43 вработени од кои 14 се пензионирале, нови вработувања немало. Околу 25 илјади денари е просечна плата.