
Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје денеска информираше дека во рамки на акцијата „Генералка викенд“ биле транспортирани 200 кубни метри отпад на територијата на Скопје.
„И оваа година, ЈП Комунална хигиена-Скопје зема активно учество во масовната акција за чистење „Генералка викенд“, што се одржа на 8 мај. Акцијата започна на Кејот на реката Вардар, опфаќајќи ги двете страни на речното корито, при што стотици учесници во акцијата собираа најразлични видови на непрописно одложен отпад од брегот и пешачките патеки. Воедно, акцијата се одвиваше и во сите скопски општини каде што учесниците во посебно одредени пунктови, претежно во близина на образовните институции – градинки и училишта, го одлагаа насобраниот отпад што по завршувањето на акцијата беше преземен и транспортиран од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје“, посочија од јавното претпријатие.
Од таму информираа дека во рамки на акцијата „Генералка викенд“, ЈП Комунална хигиена-Скопје транспортирале вкупно 200 кубни метри отпад на територијата на градот Скопје.
Претпријатието изрази подготвеност за учество во сите иницијативи и активности што ќе придонесат за заштита на животната средина и јавното здравје.