Во продажба домати со лушпа опасна по живот на луѓето: Отровни домати од Турција ја преплавија Србија, во Македонија тврдат дека ги нема

Во Македонија нема од отровните турски домати кои се продаваат на пазарите во Србија и на чии гајби стои предупредување дека “лушпата не е за човечка употреба”. Во Македонија не е извршен увоз на небезбедни домати по потекло од Република Турција, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Од почетокот на годинава досега, од Турција, Грција, Албанија и од Италија увезени се 264 пратки домати или 2.547.581 килограми. Но, според Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ, досега немаме добиено нотификација за увоз на небезбедни домати по потекло од Турција. Инспекциските служби вршат континуирани контроли на пратките кои се увезуваат и истите на пазарот во земјава се пуштат исклучиво по добивање на наод од извршени лабораториски испитувања, со кои се потврдува безбедноста, односно дека зеленчукот кој се увезува не содржи пестициди или други штетни материи над максимално дозволените концентрации, велат од Агенцијата.

Редовно се контролира домашниот пазар, дистрибутивните центри, како и преработувачките капацитети. Дополнително, прометот со зеленчук се контролира во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овој тип производи. Покрај редовните инспекциски контроли, согласно препораките на ЕУ за мониторирање на штетните агенси во храната, а со цел производство, промет и пуштање на безбедна храна на пазарот и заштита на потрошувачите.

И годинава, АХВ работи на спроведување на мониторингот на храната за 2018 година, вклучително и на испитување на овошјето и на зеленчукот за евентуално присуство на остатоци од пестициди, тешки метали и нитрати.

Меѓутоа и покрај ваквите уверувања стравот на македонските граѓани е оправдан со оглед на тоа што често се случува на соседните пазари да се појават увезени производи со поголемо количество на пестициди во овошјето и зеленчукот. Тоа кај нив создава несигурност во квалитетот како на она што доаѓа од увоз, така и на домашното овошје и зеленчук. Исто така, тука не се во прашање само контролите при увозот туку и довербата на граѓаните во земјоделците и нивното познавање за тоа колку и какви пестициди смеат да користат.

Последниот случај за увезени отровните турски домати на пазарите во Србија, како сто објави Курир.рс создаде страв и паника кај граѓаните. Причината за таквата вознемиреност е што на декларацијата на гајбите со домати покрај името на производот, година на берба, името на турскиот извозник и српскиот увозник стоело и предупредување дека “лушпата не е за човечка употреба”.

Според експертите тоа значи дека производот е затруен со пестициди и опасен за здравјето на луѓето. Истакнуваат дека такви примери, за жал можат да се сретнат речиси на секој пазар во Србија, а што е уште пострашно е дека луѓето го јадат, бидејќи никој не ги предупредил и така го загрозуваат своето здравје, пишува курир.рс.

Поголем дел од доматите се увезуваат од Турција и Албанија за да ја задржат свежината од пакувањето до продажбата, што може да трае и до три месеци, тие го прскаат со специфични отрови. Затоа денес доматите и изгледаат пластично, додека непрсканите домашни домати скапуваат после еден ден ако не се во фрижидер.

Тие објаснуваат дека кога лушпата е прскана со пестициди, секако дека не е за човечка исхрана бидејќи е отровна и опасна за здравјето, но граѓаните не знаат што купуваат и не се сомневаат во тоа дека не смеат да ја јадат лушпата од доматите.

Во Македонија има 250 различни видови пестициди, кои се одобрени од институциите за употреба во конвенционалното одгледување на овошје и зеленчук. Но веројатно е дека има уште толку недозволени, кои земјоделците ги користат, делумно поради неинформираност, а делумно поради тоа што се употребувале во минатото и им се познати. Во нашата земја се употребуваат пестициди кои се на позитивните листи во земјите на Европската Унија, а Правилникот се одобрува и ажурира секоја година. И покрај тоа што досегашните контроли покажале дека кај овошјето и зеленчукот кои се произведуваат и увезуваат во Македонија концентрации на резидуи од пестициди се во границите на максимално дозволените, сепак се уште постои страв кај потрошувачите.