Во Природонаучниот музеј се отвора изложба на најинтересните карпи, минерали и скапоцени камења од целиот свет

Утре, петок 18 мај, во 20 часот, во Природонаучниот музеј на Македонија свечено ќе бидат отворени две тематски изложби „Раѓањето на Фрушка Гора“ од д-р Иван Дулиќ и „Карпи – скриени бои и форми“,на Дарко Тимотиќ.

Станува збор за геолошко-палеонтолошката изложба „Раѓањето на Фрушка Гора“, која е од исклучително научно и едукативно значење. Во рамки на изложбата ќе бидат изложени преку 230 фосилни родови и видови. Станува збор за фосилни остатоци на морска и слатководна фауна, копнена вегетација и остатоци од плеистоценски цицачи, од кои најстарите се од пред 70 милиони години. Во изложбата се прикажани и пресеци на магматски, метаморфни и седиментни карпи од Тетискиот Океан (од пред околу 250 до 40 милиони години).

Во рамки на изложбата „Карпи – скриени бои и форми“ пак, авторот Дарко Тимотиќ на повеќе од 30 фотографии од уметничка гледна точка преку макрофотогрфии на пресеци на најинтересните примероци на карпи, минерали и скапоцени камења од целиот свет, ќе ни ја долови убавината на геолошкиот диверзитет, со посебен акцент на примероци од различни локалитети во Србија.

Изложбите ќе бидат отворени за јавноста во периодот од 19. мај  до 10. септември 2018 година.