Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале

Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не камп за мигранти, соопшти министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пренесува СДК. 

„ Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не камп за мигранти. Оваа одлука е усвоена уште пред една година со која Владата трајно ќе им се обезбеди дом на повеќе 80 лица кои живееја на улица“, објави Царовска на својот официјален профил на Фејсбук.

И градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев денеска соопшти дека нема да има прифатен центар за странци во Карпош.

„Општина Карпош, до овој момент, нема примено никаков допис во вид на Барање информации и податоци за доставување државна урбанистичко-планска документација за прифатен центар за странци во Бардовци, од страна на Агенцијата за планирање на просторот. Целосно ги демантираме информациите кои се пласираа на социјалните мрежи дека ваков прифатен центар ќе се гради во Бардовци. Општина Карпош исклучиво опстојува на определбата за плански развој на локалната самоуправа, а прифатниот центар за странци не е дел од планот за развој на Бардовци или на било кој друг дел од Карпош“, напиша Богоев на својот Фејсбук профил.

Во типската населба од големи контејнери за сместување во Визбегово ќе бидат сместени семејствата кои останаа бездомни по уривањето на импровизираната ромска населба под Кале во Скопје во август 2016. За овој случај тогаш предмет отвори и Народниот правобранител, а Македонија доби тужба од Европскиот центар за заштита на Ромите со седиште во Будимпешта.