Во пресрет на Нова година повисоки цени на пазарите - уште повисоки се очекуваат за божиќните празници

Како и секоја година, поскапуваат цените на пазарите во пресрет на празниците. Според потрошувачите, цените на некои производи се зголемиле и за 20%. Поскапување деновиве има најмногу кај зеленчукот и јаткастите плодови.

Според граѓаните, искуството од претходните години покажува дека цените на пазарите ќе бидат уште повисоки во пресрет на Божиќните празници.

За разлика од зеленчукот, јаткастите плодови и месото, овошјето се продава по речиси исти цени како и претходно. Потрошувачите најмногу се задоволни од цените на јужното овошје и јаболките. Килограм јаболки на пазарите се продава за 15 денари. Портокалите и мандарините чинат околу 35 денари, а лимоните и бананите се продаваат по 45 денари за килограм.

Праксата покажува дека за време на новогодишните и Божиќните празници, кога се зголемува потрошувачката, трговците вообичаено ги поскапуваат цените на производите. Но, и покрај тоа, граѓаните, секој според своите можности, ги купуваат барем тие производи, што според традицијата, треба да се присутни на нивната трпеза во празничните денови.