Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишнината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.

На настанот говореа и претседателот на клубот Јован Божиноски и претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Зоран Читкушев.
Сиљановска-Давкова, честитајќи го големиот јубилеј, упати благодарност до сите генерации членови на клубот за, како што истакна, нивната „докажана љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата“.
„Еден век љубов кон Шара и кон македонските планини“, порача претседателката, нагласувајќи дека планинарењето е активност што го зајакнува телесното и менталното здравје.
Таа посочи дека е време да се следат примерите на земјите каде рекреативното планинарење е дел од образовната програма и важен сегмент од филозофијата на здрав живот.

Присутните имаа можност да ја проследат документарната презентација за историјата на клубот, како и мултимедијалната изложба поставена во галеријата на Домот на културата.
На претседателката, на најзаслужните членови на клубот и на неколку институции им беа доделени плакети за трајни вредности.
Во продолжение на академијата беше прочитано и интегралното обраќање на Сиљановска-Давкова, во кое таа истакна дека планините „ги здружуваат луѓето во добро и во зло“ и дека планинарите се „незаменливи бранители на физичкото и менталното здравје“.