Во пожарот во Дебар Маало оштетени се три стана, пожарникар повреден при интервенцијата

Три стана, од кои еден дуплекс, биле опожарени денеска во огнот кој зафати зграда во скопската населба Дебар Маало, изјави Ѕвонко Томевски, командант на противпожарната бригада.

Како што изјави Томевски за „Макфакс“, гасењето се одвивало во отежнати услови поради дрвената конструкција и пукнатите водоводни цевки.

„Опожарени се три стана на 4 и 5 спрат“, рече Томевски и додаде дека во пожарот нема жртви, но при интервенцијата еден од пожарникарите се здобил со повреда откако се лизнал по скали.

По кажувањето на станарите се слушнало експлозија од болјер, а во моментот кога избувнал пожарот, во станот од зградата имало две деца кои ги предупредиле останатите станари.