Во пожар целосно изгоре семејна куќа во Кочани

Во пожар што избувна околу пладне целосно изгоре куќата на семејството Војови од Кочани. Според првичните сознанија нема повредeни или настрaдани лица, но направена е голема материјална штета.

Во гаснењето интервенирала Територијалната противпожарна единица од Кочани, која со три екипи и возила успеала за неполн час да го локализира огнот и да спречи негово проширување на соседните објекти.

- Во моментот на избувнување на пожарот, во една од собите биле мојата снаа со внучето, но за среќа успеале навреме да се извлечат. Јас бев на работното место, а соседите ми јавија дека куќата гори. Глетката беше ужасна, пламенот брзо се проширил и објектот е целосно оштетен. Изгорена е кровната конструкција, по што огнот ја зафатил и внатрешноста, заедно со мебелот и другата покуќнина. Среќа во целата несреќа е што никој не е повреден, а додека да ја санираме штетата привремено ќе се сместиме кај соседите, истакна Климент Војов, сопственик на куќата.

Семејството Војови упати апел до своите сограѓани да им донираат мебел, облека, покуќнина и друга помош за да го обноват скромниот дом.

Увид на местото на настанот направи екипа од Одделението за внатрешни работи, а според првичните сознанија можна причина за пожарот е дефект во електричната инсталација.