Во пожар целосно изгоре барака во Петровец, нема повредени

Барака во општина Петровец утринава целосно изгоре во пожар. Повредени нема, но без покрив на главата се останати неколку семејства.

Пожарот бил пријавен во Територијалната противпожарна бригада утринава во 08:30 часот, а целосно бил локализиран во 10 часот.

– Интервениравме со шест противпожарни возила и со 15 пожарникари. Дополнителна помош добивме и од ППТ единицата на рафинеријата „Окта“, изјави командантот на ТППЕ на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Бараката била со доградени соби за живеење и според првичните информации причина за пожарот е електрична инсталација. На терен интервенирале и екипи на ЕВН кои морале да ја исклучат струјата.