Во понеделник е Света Петка, голем празник и почеток на зимските слави

Во понеделник, 27 октомври, Македонската Православна црква и нејзините верници ја слават заштитничката на жената – Света Петка. Празникот е уште познат како зимска Света Петка и симболично означува старт на зимските православни слави. 

Празникот посветен на преподобната Мајка Параскева кај нашиот народ со векови се почитува, а има сведоштва во кои ова светица им се јавувала на луѓето во сон.

Според народното верување, ако Света Петка ви се појави на сон, тоа може да значи две работи, или ќе бидете наградени или тоа е предупредување и покана за промена.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води.

Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства. Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27/14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата.

Оттука, Параскева значи подготовка. Првата света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка. Се празнува на 26 јули/8 август и меѓу народот е позната како летна Света Петка. Во нејзиното житие се вели дека нејзините родители биле Римјани и дека и дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви кон Бога. Рано се замонашила а подоцна како и многумина други настрадала за верата Христова за време на царувањето на Антонин. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, но кога била фрлена во котел со врело масло и катран таа останалаа неповредена, а од течноста му прснало во очите на императорот по што ослепел. Параскева се помолила на Бога и тој оздравел.

Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале со нејзино посредство, многумина ја примиле христијанската вера. Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите и биле пренесени во Цариград. На иконите света Петка Римјанка во рацете држи чинија во која има очи. Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан. И таа била единствено дете на своите родители поради што со големо внимание и љубов била воспитувана во христијанската вера. Параскева била уште малечка кога починале нејзините родители, а таа нивниот имот го користела за помагање на сиромашните, болните, странците и сл.

При големите прогони на христијаните што се случиле во времето на Диоклецијан настрадала и таа. Била фатена во 303 година и била предадена на судијата. Тој пак, изненаден од нејзината убавина, и понудил да стане негова невеста и – ветувал богат и раскошен живот. Таа го одбила сето тоа изјавувајќи дека сака да остане верна на својот Бог, Исус Христос.