Во понеделник е неработен ден, ЈСП ќе вози со изменет ред, паркингот во Центар бесплатен

Во понеделник е неработен ден за сите граѓани на земјава. Припадниците на исламската вероисповед го слават Рамазан Бајрам, еден од најголемите празници. Поради неработниот ден ЈСП ќе вози со изменет возен ред, а во понеделник паркирањето во скопски Центар ќе биде бесплатно. 

ЈСП Скопје информира дека за време на трите дена од продолжениот викенд (29.03.2025 година - 31.03.2025 година) , поради верскиот празник Рамазан Бајрам, јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред.

 Работно време на билетарници и центри за персонализација

 -Во сабота (29.03.2025 година) ќе работат со вообичаеното работно време.

 - Во недела (30.03.2025 година) дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација на: Транспортниот центар и зелениот пазар

- Во понеделник дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација на: Транспортниот центар, Зелен пазар, Автокоманда (Дирекција на ЈСП Скопје) и Ѓорче Петров

Жичницата во сабота и недела ќе работи вообичаено, од 10 до 17 часот, а во понеделник на Рамазан Бајрам, вообичаено како и секој понеделник нема да работи.  Жичницата од вторник ќе работи еден час повеќе, односно од 10 до 18 часот.

Согласно со Одлуката за возен ред во месец април, од 17 до 17.30 часот е последно возење од долу кон врвот. Потсетуваме дека секој понеделник и секој последен вторник во месецот, за Жичницата се неработни денови. 

Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ известуваат дека на 31.03.2025 година (понеделник) паркиралиштата со кои стопанисува ова претпријатие ќе бидат без наплата за сите граѓани.

Од ова исклучок е паркиралиштето „Дилајла“ кое е со автоматска наплата.

Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата ќе продолжи на 01.04.2025 година (вторник) со вообичаено работно време.