Во поликлиниката во Драчево ечела музика за пензионирање на вработен

Новиот директор на Здравствен дом - Скопје, Вулнет Селими најави санкции поради пуштање на прегласна музика во поликлиниката во Драчево, откако на социјалните мрежи се појави видео од поликлиниката.

-По објавувањето на видео снимка од внатрешноста на поликлиниката Драчево, на која се слушаа песни со исклучително висок глас, што е надвор од секоја етика и прописи, пред неколку моменти ја посетив оваа поликлиника. Одговорниот лекар ми потврди дека таа сцена се случила минатиот четврток, оправдувајќи ја по повод пензионирањето на вработен на Клиниката, што и според него е над нормалното, напиша Селими на Фејсбук.

Како што вели Селими, за овој пропуст ќе бидат преземени дисциплински мерки.

-Ваквите сцени не можат да се толерираат во амбиенти каде што луѓето одат да ја добиваат потребната медицинска помош, кажа директорот на Здравствен дом - Скопје.