Во петок се отвораат границите: Доколку сакате да летувате во Грција еве какви се цените во моментов

Грчките угостители и хотелиери се жалат на драматичниот пад на посетите од туристи, а со тоа и приходите, а дополнително ги мачи и фактот дека казните за непочитување на мерките против новата болест се ригорозни. Иако сезоната официјално започна, хотелите, апартманите, а со тоа и плажите, сè уште се празни, што, сепак, не влијаеше на падот на цените.

Цените се на ниво од минатата година, ако не и нешто повисоки.

Тековната загуба на повеќето грчки претприемачи поради кризата со вирусот е дури 90 проценти во однос на претходната година.

– Сметаме дека може да ја спасиме туристичката сезона ако се вратиме на барем 50 проценти од приходот – потенцира еден од угостителите.

Цени за сместување

Сместувањето, секако, е поевтино во приватни станови отколку во хотели. Цената на десетдневен стан за семејство од четири члена се движи од 300 до 350 евра, додека во хотелот таа цена е значително поголема – од 450 до 1.000 евра. Треба да се каже дека заради малиот број туристи на Халкидики, отворени се само 10% од хотелите.

Цени во маркетите

– Цената на лебот се движи од 0,5 до 1 евро. Млекото чини од едно до 1,2 евра. Еден килограм домати чини околу 1 евро, додека килограм лубеница чини 60 центи. Кајсиите и праските се поскапи, тие изнесуваат околу 2,5 евра за килограм.

Цените се различни, во зависност од местото каде што се купува.

– Во продавница, цената на лименка пиво се движи од 0,5 до едно евро, а соковите од едно до 1,5 евра. Пакет од шест 1,5 литарски шишиња вода чини од едно до 1,2 евра. Во кафулињата и рестораните, цената на пивото и соковите е од 3,5 на 4,5 евра. Во таверните, чаша вино чини од 2,5 до 6 евра, а шише вино од 19 до 52 евра – потенцира еден грчки угостител.

Плажите се скоро празни, а лежалките и чадорите се практично слободни. Лежалките најчесто не се наплаќаат.

– Во Пефкохори можете да користите чадор и лежалка и да не платите ништо, бидејќи речиси и да нема гости. Во Ноос Мармарас, лежалка и чадор се бесплатни, но корисниците се должни да купат барем пијалок кој се движи од 3,5 до пет евра – потенцира локален жител на Халкидики.

Патем, поради мерките за заштита од болеста, лежалките на плажите се на растојание од 1,5 метри, додека чадорите се на растојание од четири метри.

Ценовник (во евра): ХРАНА И ПИЈАЛОЦИ: леб – 0,5; млеко – 1,2; лубеница – 0,6; домати – 1,0; пиво – 0,5-1,0; сок – 1,0-1,5; вода – 1,0-1,2; гиро – 3; пијалок во кафуле – 3,5-5;

СМЕСТУВАЊЕ: апартмани 300-350; хотели 450-1.000. ДРУГИ ТРОШОЦИ: литар дизел 1,04; литар бензин 1,35; маска 1.2;