Во Паркот на шахот во Кисела Вода одбележан Меѓународниот ден на шахот и 102 години постоење на ФИДЕ

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска сподели дека денеска во Паркот на шахот во Кисела Вода, преку симултанка на отворено заедно со Шаховската Академија „Данчевски“, го одбележале 20 Јули – Меѓународниот ден на шахот и 102-годишнината од основањето на Светската шаховска федерација (ФИДЕ).

„Беше вистинско задоволство да се види како граѓаните имаа уникатна можност да ги одмерат силите со врвните млади шахисти – Олег Русевски, Кристијан Јордановски, Даниел Стефаноски и Дамјан Николовски, како и со Интернационалниот мајстор и ФИДЕ тренер, Орце Данчевски. Тие се вистинска гордост за Кисела Вода и за Македонија“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Таа посочи дека за неа, шахот не бил само спорт, туку дека бил училиште за животот.

„Учи на трпение, на стратегија, на почит кон противникот и на тоа како да размислуваме неколку чекори однапред. Токму затоа, како Општина цврсто веруваме во вложувањето во овие вредности“, нагласи градоначалничката.

Додаде и дека преку нивната континуирана соработка со Академијата „Данчевски“, во текот на целата година обезбедуваат бесплатни часови по шах.

„Горда сум што годинава 50-тина деца од Кисела Вода добија можност професионално да ги изучуваат тајните на оваа игра и да го развиваат својот интелект. Продолжуваме да ги поддржуваме вистинските вредности и да создаваме идни шампиони“, порача Стаменкоска Трајкоска.