Денеска официјално беше промовиран проектот „Приказната продолжува“ за изградба на Регионален центар за рехабилитација и ресоцијализација на деца излекувани од малигни заболувања, преку реновирање и адаптација на старото основно училиште во Кучково.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и в.д. директорката на Центарот за развој на Скопски плански регион, Розета Арсовска, го посетија Центарот во кој во завршна фаза е уредување на просториите и хортикултурното уредување на дворот.
Објектот на површина од 650 м² има капацитет за престој на 20 деца со придружба на еден родител во комплетно опремени простории и училници за он-лајн образование, за физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, а има и соби за игра и „мирна соба“ за рехабилитација.
„Овој Центар ќе значи многу надеж, нови можности, нови перспективи за сите оние мали херои коишто се избориле со канцер. Проектот беше инспириран од сите нив поради потребата од помош во периодот на лекување и потоа, а целта е да им дадеме максимум психосоцијална поддршка во процесот на нивната ресоцијализација и повторна интеграција во општеството, по долгиот престој во болничките установи“, истакна градоначалникот Стојкоски кој се заблагодари на сите чинители во реализацијата на проектот.
Ова е еден од десетте проекти кои Министертството за локална самоуправа ги реализира со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, а чија вкупна вредност е 23.574.074,00 денари, од кои 8.435.000,00 денари се обезбедени од Швајцарска агенција за развој и соработка, 10.380.998,00 денари од страна на Министерството, а Општина Ѓорче Петров учествува со 4.758.076,00 денари.
„Ова е наш мал придонес во насока на поддршка за младите борци и искрено се надевам дека во иднина во овој објект ќе се видат многу насмевки, а децата ќе се ресоцијализираат и навистина ќе го градат патот и секој нов ден во насока на подобра иднина за сите нив. Се надевам дека како Министерство, а убеден сум дека и како Влада, ќе можеме да бидеме сведоци на реализација на многу вакви проекти кои ќе донесат подобро утре за сите граѓани“, порача министерот Перински.
Реконструкцијата и адаптацијата на некогашното училиште произлезе и како едно од барањата на граѓаните преку Регионалните форуми на заедниците, организирани од Центарот за развој на Скопски плански регион (ЦРСПР).
„Горди сме на проектот кој произлезе од регионалните форуми организирани од нашиот центар кој на децата ќе им овозможи здравствена, социјална заштита и рехабилитација, како и едукација и ќе им помогне повторно вклучување во образовниот систем на еднакви основи со нивните соученици“, изјави в.д. директорката на ЦРСПР, Арсовска.