
ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид воведе нова процедура за третман на комплексни калцификати во периферните крвни садови – интраваскуларна литотрипсија (IVL) со системот Shockwave Medical.
Постапката ја воведува стручниот тим предводен од д-р Дејан Манчевски, раководител на Одделот за перкутани артериски инвазивни процедури.
Од болницата посочуваат дека станува збор за трета нова процедура воведена во период од една година, со што продолжуваат со примената на современи методи во третманот на кардиоваскуларните заболувања.
Интраваскуларната литотрипсија е наменета за третман на тешки калцификати во периферните артерии. Методата користи специјализиран балон-катетер поврзан со генератор, преку кој се испраќаат кратки и прецизни акустични бранови што ги разградуваат калциумовите наслаги во крвните садови.
Според објаснувањето од болницата, технологијата овозможува третирање и на подлабоки калцификати во ѕидот на артеријата, а по нивното разградување се олеснува проширувањето на стеснетиот крвен сад и, доколку е потребно, поставувањето стент.
Од установата наведуваат дека една од предностите на методата е намалениот ризик од траума или перфорација на крвниот сад во споредба со постарите пристапи, бидејќи акустичните бранови се насочени кон тврдите калциумови наслаги.
Процедурата е наменета за пациенти со напредни форми на периферна артериска болест, особено кај артериите на нозете, во случаи кога стандардните балон-процедури не се доволни поради изразената калцификација.
„Продолжуваме да инвестираме во иновации и во вашето здравје, носејќи ја светската медицина директно во нашата установа“, порачаа од охридската специјализирана болница.