
Министерството за внатрешни работи информираше дека завчера во периодот од 17:00 до 22:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при МВР спровеле акциска контрола на територијата на целата држава, насочена кон возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
При контролата биле констатирани 140 прекршоци, од кои 102 се однесуваат на управување без задолжително носење заштитен шлем – кацига. Констатирани се и двајца возачи кои управувале под дејство на алкохол.
Од вкупниот број прекршоци, од МВР посочија дека 33 биле на територијата на СВР Струмица, 17 во надлежност на СВР Тетово и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, 15 во СВР Куманово, по 13 во СВР Битола и СВР Охрид, 12 во СВР Велес, 11 во СВР Скопје и девет во СВР Штип.
„За констатираните прекршоци преземени се соодветни мерки и санкции согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, додека за осум возачи се поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик“, наведуваат оттаму.
Дополнително, додаваат дека при контролата биле констатирани и 156 прекршоци од друг вид.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените сообраќајни контроли со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Апелираме до возачите на мотоцикли, мопеди и другите видови возила да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да користат заштитна опрема и да не управуваат под дејство на алкохол“, порачаа од МВР.