Во недела ограничен сообраќај преку мостот „Близнак“ – ќе се санира оштетената пешачка ограда

Во недела, 11 октомври, во утринските часови ќе има изменет режим на сообраќај на булеварот „Киро Глигоров“, на потегот преку мостот „Близнак“, поради санација на оштетената заштитна пешачка ограда.

Екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје ќе работат во периодот од 6:00 до 8:00 часот, од крстосницата со улицата „Индустриска“ до крстосницата со булеварот „АСНОМ“, во насока кон Аеродром.

Во рамки на работите ќе се врши замена и монтажа на оштетените оградни елементи на мостот.

Поради интервенцијата, крајната лева сообраќајна лента ќе биде затворена и соодветно обележана со сообраќајна сигнализација, додека останатата лента во истата насока ќе остане отворена за сообраќај.

Од ЈП „Улици и патишта“ апелираат возачите да бидат трпеливи, да ја почитуваат поставената сигнализација и да ја приспособат брзината на условите на патот.