Во Музејот на Република Македонија ќе се промовираат збирка документарни етнолошки филмови

Збирката документарни етнолошки филмови на авторите Владимир Боцев и Елизабета Конеска денеска ќе биде промовирана во Музејот на Република Северна Македонија.

Оваа збирка филмови, произведени од 1997 до 2015 година, преставува прво вакво музејско издание во земјата и содржи 13 филмови во кои се обработуваат теми од обредниот и секојдневниот живот на Македонците, но и некои занаети кои се на прагот на исчезнување. Изданието ќе го промовира професорката на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ Мирјана Мирчевска. – Авторите Конеска и Боцев имаат свој специфичен пристап кон обработувањето на темите, но етнолошката наука, односно етнолошката точка на гледање на проблематиката е приоритет кај двајцата, што е карактеристика на овој жанр на филмови, информира Музејот на Република Северна Македонија.

Целта на оваа збирка на филмови е да се доближи етнолошкиот филм до широката публика, но и да го поттикне нивното производството затоа што тие се најдобриот начин за зачувување на вредностите поврзани со народната култура.