Во молкот најдобро го слушаш својот хаос...

Веќе две години живеам сама. И тоа по желба.

Можев да останам со татко ми и мајка ми, да живеам со дечкото, но не сакав. Имаше многу причини за тоа и се менуваа низ текот на годината. Но, како што растев, така растеа и причините поради кои самотијата ми беше толку потребна.

Иако финансиски ќе ми беше полесно да ги делам трошоците со некого, сепак не бев подготвена да живеам со друг човек. Сакав сама.

Сѐ уште сум си потребна сама на себе, сега кога повторно се добив самата себе.

Во тој мој стан, можам да ги примам луѓето кои ги сакам, кога сакам и колку сакам. Дома можам да си седам гола, да јадам што ќе ми падне на памет. Поентата е дека нема кој да ми приговара и да ми забележува. Но, ова не е текст за моите прехранбени или естетски навики, барем не во потполност.

Секојпат кога некој ќе дојде на чај или кафе, веднаш ја забележуваат тишината во мојот стан и ме прашуваат зошто е тивко и дали слушам музика. Да, кај мене најчесто е тивко, затоа што баш токму тоа го посакував толку долго. Тишината и (не)мирот којшто таа го носи. Велам (не)мир, затоа што тишината понекогаш може да биде многу тешка, но и дури кога е тешка – потребна е. Секогаш кога излегувам од дома, веднаш ставам слушалки на уши, се исклучувам себеси и вклучувам музика. Кога ќе се вратам дома, веднаш ги тргам слушалките, гасам сѐ и заборавам што се случува од другата страна на вратата. Работам во бучава и хаос, на тренинзи секогаш имам пуштено музика, викам, а викаат и други. И секогаш сум „тука“  за некого. Додека сум во тишината, нема никој, а јас сум „тука“ за себе.

Сфаќам дека многумина не го сакаат тоа чувство, затоа што не се навикнати на него и непријатно е да ги слушаат сопствените мисли или веруваат дека постои оној израз „незгодна“ тишина кога двајца луѓе не знаат што да си кажат, а во нив има сѐ освен тишина. Во нив има бучава и тоа заглушувачка.

Затоа и велам (не)мир, затоа што во тишината учиш што да правиш со тој хаос и бучава. Се смируваш и сфаќаш дека и таа бучава ти е потребна за да го чуеш она што сака да ти го каже, да ти каже што те мачи или недостасува, што правиш погрешно, што те возбудува на кој било начин. Без тишината однадвор, тешко е да ја чуеш таа бучава и така само бегаш сам од себе и од своите потреби кои се тука и сакаат да ги чуеш. Во тишината учиш да се слушнеш самиот себеси, да разговараш самиот со себеси, дури и да се расправаш самиот со себеси. Сѐ тоа се наоѓа во (не)мирот.

До следниот пат, пробај малку да бидеш „тука“ за себеси. Во (не)мирот слушни што имаш да си кажеш самиот на себеси.