Во МЕПСО незаконски си поделиле двојно К15 и повисоки испратнини за пензија

Во 2016, вработените во МЕПСО добиле регрес за годишен одмор (К15) што го надминува законскиот лимит, покажала анализата на државниот ревизор.

Како што наведува „Макфакс“, Надзорниот одбор донел одлука за исплата на К15, но сумата изнесувала 22.256 денари, што го надминува законскиот лимит за регрес за годишен одмор.

-Надоместокот за регрес за годишен одмор е утврден во висина од најмногу 60 отсто од просечната месечна нето-плата за работник во државата за последните 3 месеци. Според ревизорите, таа сума би требало да изнесува 13.088 денари. „Вака утврденото право за регрес на годишен одмор предизвикува да бидат исплатени 5 милиони и 143 илјади денари над законското утврдено право“, напишале ревизорите во извештајот.

Исто така, утврдена е и исплата на средства за испратнина за во пензија во износ од 5 просечни месечни нето-плати, сума што не е во согласност со Законот за исплата на платите. На овој начин незаконски биле исплатени 723 илјади денари.