Во Македонската филхармонија: Концерт на пијанистот Дино Имери за 10 години кариера

Во големата сала на Македонската филхармонија, на 11 декември, нашиот реномиран пијанист Дино Имери ќе одбележи значаен јубилеј – 10 години уметничка кариера.

Специјални гости на концертот ќе бидат Влатко Стефановски, Благој Нацоски, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија (МММ) и Дијана Имери- Илкоска како диригент, потоа Бојан Илкоски, Марија Јакимовска, Богдана Бушевска, Биљана Јосифов, Инес Неделковска, Ади Имери и Ивана Коцевска. Водителка ќе биде Јана Серафимовска.

На концертот ќе бидат изведени дела од класичниот репертоар како Равел, Пјацола, Дворжак, Доплер, но и авторската композиција на Имери “Сон“ напишана за Благој Нацоски, дело од Дамир Имери.

“Програмата е конципирана така да ја прикаже разноликоста на мојата дејност низ овие десетина години, а со тоа да биде и допадлива на присутната публика. Секој гостин си носи свој различен печат, како и своја историја во взаемната соработка со мене“, ќе истакне Дино Имери.